Tuesday, May 17, 2011

Човек


Роден сум, и не знам што е тоа љубов. Сепак ја чуствувам на лицето на жената која ме држи во своите раце.
Малечок сум, а мал е и мојот свет. Го сакам мирисот на палачинки кои ме буди секое саботно утро.
Дете сум, и сакам безусловно. Ги сакам луѓето кои ме сакаат, иако не сум секогаш свесен за тоа.  
Син сум, и сакам благодарно. Знам од каде доаѓам, и знам кој ќе биде зад мене, без оглед на се.
Брат сум, и сакам братски. Некогаш пламенот на љувобта не згаснува ни под налетот на најсилната бура. 
Млад сум и сакам несебично. Лудо се вљубувам, често се разочарувам. Но не е важно. Наскоро, ќе се заљубам пак.
Зрел сум, и сакам зрело. Луѓето повеќе не ме разочаруваат толку многу. Научив да избирам кому му го подарувам срцето.
Возрасен сум, и сакам со резерва. Љубовта е цвет кој треба да се негува и храни, во спротивно овенува. 
Сопруг сум, и сакам страсно. Во добро и лошо, во здравје и болест. Без љубовта на жена, овај свет е сурово место.  
Татко сум, и сакам широкоградо. Во моите раце чука срце со големина на орев, и тоа срце е целата љубов која постои на светов.
Дедо сум, и сакам нежно. Во нечии вени тече мојата крв, и тоа е доволна причина за љубов која никогаш нема да запре.  
Стар сум, и сакам носталгично. На крајот на патот, мојот дом се наоѓа во срцата на луѓето кои сум ги сакал.
Човек сум, го сакам светот. Без љубов, сум студен како камен, сам како остров и малечок како маково зрно.